На десетина дена пред Велигден, повеќе од 60 отсто од хотелските капацитети во Охрид се резервирани, а не е помал интересот ни за сместување кај малите станоиздавачи. Охрид, традиционално, токму за Велигден го има првото големо „туристичко крштевање“ за таа година, а така ќе биде и годинава.
Најголемиот број од најавените туристи се од Србија, Грција и од Бугарија. Од Албанија, исто така, се очекуваат посетители, особено затоа што годинава и православен и католички Велигден се слават во ист ден. Покрај туристи од соседството, евидентно е зголемен интересот за сместувачките капацитети на брегот на Охридското Езеро и од туристи од подалечните дестинации, како, на пример, Израел, Италија, Русија, Турција, Полска, Романија, но и од земјите на Далечниот Исток.
Туристичките агенции и бироа од Бугарија веќе најавија дека 280.000 Бугари ќе патуваат за викендите околу Велигден, а голем број ќе ги посетат Охрид и Македонија.
Од хотел „Аквалина“ од Охрид се задоволни од резервациите за претстојните велигденски празници.
– Најмногу гости за Велигден ќе имаме од Грција, потоа од Србија. Годинава ќе има и доста домашни туристи од повеќе градови. Капацитетите се пополнети – вели Марјан Николески, директор за храна и за пијалоци во хотел „Аквалина“.
Во соседна Струга, исто така, најголем број од туристите ќе бидат од соседните земји.
Секако, ќе патуваат и самите охриѓани.
– Охриѓани претпразнично пројавуваат интерес, главно, за еднодневни тури – вели Драгана Ристеска, директор на туристичката агенција „Венус травел“ од Охрид.