Подглавна секција Годишнината од војната во Украина доаѓа со силна дипломатска активност на светските...

Годишнината од војната во Украина доаѓа со силна дипломатска активност на светските сили

Американскиот претседател Џо Бајден во посета на Варшава на средба со лидерите на земјите од источното крило на НАТО, ЕУ го подготвува десеттиот пакет санкции кон Русија, додека кинескиот водечки дипломат Ванг Ли е на средби во Москва

Фото: Markus Spiske on Unsplash

Непосредно пред одбележувањето на годишнината од почетокот на руската воена агресија врз Украина, лидерите на најголемите светски сили изминативе денови се во силна дипломатска активност. Американскиот претседател Џо Бајден денеска ја продолжува официјалната посета на Полска, каде што ќе се сретне со лидерите на деветте земји-членки што го формираат источното крило на НАТО.

За време на посетата на Полска, американскиот претседател Бајден одговори на нападите коишто дојдоа од рускиот претседател Владимир Путин во вчерашниот годишен говор во руското собрание. Тој го оспори тврдењето на Путин дека Западот планирал да ја нападне Русија, додавајќи дека Москва „никогаш“ нема да триумфира во Украина, пишува Би-би-си.

„Им се обраќам на народот на Русија. САД и НАТО не сакаат да ја уништат Русија, нема заговор против Русија, како што рече денеска Путин. Оваа војна не е неопходност, туку трагедија. Путин може да ја заврши војната со една реченица“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

Во неговиот говор пред бројните граѓани на Варшава, американскиот претседател изјави рече дека САД стојат рамо до рамо со слободата, додека Путин се обидел да ја изгладне Европа, да ја спречи Украина да извезува храна и да предизвика глобална прехранбена криза.

„Украина е слободна, суверена и демократска“, рече тој.

Џо Бајден во своето обраќање рече дека НАТО е пообединет од кога било досега, додека Путин не бил во право кога мислел дека единството меѓу земјите-членки на НАТО ќе се наруши.

„Нашата поддршка за Украина нема да попушти и нема да се умориме“, изјави американскиот претседател Бајден, кој во неколку наврати ги спомена вредностите на демократијата.

Во меѓувреме, во Москва рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска се сретна со водечкиот кинески дипломат Ванг Ји. И оваа средба доаѓа пред одбележувањето на почетокот на руската воена агресија врз Украина. Би-би-си забележува дека по воведувањето на западните санкции кон Украина, рускиот извоз во Кина лани се зголемил на над 110 милијарди американски долари, додека кинескиот извоз во Русија надминал над 70 милијарди американски долари. Овие бројки за 2022 година се најголеми во изминативе осум години.

Европската Унија, пак, е блиску до усогласување на десеттиот пакет санкции кон Русија, при што агенцијата Ројтерс пренесува дека меѓусебниот договор меѓу земјите-членки би можел да се постигне пред одбележувањето на годишнината од почетокот на руската воена агресија врз Украина. Европските лидери треба да ги усогласат разликите околу идната можна забрана за увоз на руски дијаманти и гуми.

Меѓу лицата и ентитетите што ЕУ сака да ги таргетира со десеттиот пакет на санкции се и одговорните вклучени во илегалната депортација на околу 6.000 украински деца на територијата на Русија, која што се случи за време на окупацијата на делови од Украина.