Свет Европа Германското разузнавање пресретнало радиокомуникација на Русите со која се потврдува масакрот во...

Германското разузнавање пресретнало радиокомуникација на Русите со која се потврдува масакрот во Буча

Фото: ukrinform.net

Германското разузнавање пресретнало радиокомуникација на руската војска во врска со убиствата на цивили во Буча, Украина, каде беше извршен масакр на стотици граѓани. Изгледа дека ова злосторство било дел од план, пишува германскиот магазин „Шпигел“, кој екслузивно ги пренесува наодите на германското разузнавање.

Bundesnachrichtendienst (BND), германската служба за надворешно разунавање ја пресретнало радиокомуникацијата што директно се поврзува со фотографиите на мртви тела во градот Буча, во околината на главниот град на Украина, Кијив.

По повлекувањето на руската војска од градот во текот на викендот, откриена е масовна гробница, како и тела на десетици жители оставени на улиците. Рацете на некои од жртвите биле врзани, а други имале траги на мачење. Меѓу жртвите се и голем број жени и деца.

Руската влада жестоко отфрлаше одговорност на руските сили за ова воено злосторство, а имаше и тврдења, комплетно непоткрепени, дека ова воено злосторство е инсценирано од Украина, пишува „Шпигел“.

Но, пресретнатата радиокомуникација, за која, како што пишува германскиот магазин, биле брифирани некои германски парламентарци, очигледно се совпаѓа со локациите на кои биле телата долж главната улица во градот.

Во еден од пресретнатите разговори, војник му кажува на друг војник дека застрелал човек на велосипед. Тоа се совпаѓа со фотографијата на мртво тело крај велосипед, која што беше распространета низ светот. Во друг аудио разговор, маж вели: „Прво ги испрашуваш војниците, а потоа ги убиваш“.

Материјалот на БНД дава доказ дека руската платеничка групација „Вагнер Груп“ играла водечка улога во злосторствата, за која се знае дека стои зад слични вакви злосторства во Сирија.

Има и други пресретнати разговори, што допрва ќе се анализираат, пишува „Шпигел“.