Свет Балкан Германија и Словенија заеднички ќе работат на интеграција на Западен Балкан во...

Германија и Словенија заеднички ќе работат на интеграција на Западен Балкан во ЕУ

Двајцата политичари истакнаа дека руската војна врз Украина го претвори процесот на проширување во „геополитичка неопходност“

Фото: Hannes P. Albert/dpa

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Љубљана се сретна со нејзината словенечка колешка Тања Фајон, при што заклучокот од средбата е дека двете земји ќе работат заедно за да го забрзаат пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Ова беше кажано во вторникот во Љубљана, пренесува германската новинска агенција ДПА. 

„Нашата заедничка цел е да го промовираме пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ“, изјави Бербок.

Двајцата политичари истакнаа дека руската војна врз Украина го претвори процесот на проширување во „геополитичка неопходност“.

Сите шест земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се стремат за членство во ЕУ, но секоја од нив е во различна фаза од евроинтегративниот процес.

Поради зголемената националистичка пропаганда, Берлин внимателно ги следи парламентарните избори во Србија што треба да се одржат на 17 декември, изјави Бербок.

Таа додаде дека „недостигот на еднаков пристап до медиумите за сите политички кандидати во минатото претставува особена причина за загриженост“.