Свет Балкан ГЕРБ-СДС победник на изборите во Бугарија, со речиси два процента предност

ГЕРБ-СДС победник на изборите во Бугарија, со речиси два процента предност

ГЕРБ-СДС успеа да ги мобилизира своите структури во повеќе области во Бугарија, а ПП-ДБ пак го компензираше послабото претставување во повеќе обласни центри со силни резултати во најголемите градови - Софија, Пловдив, како и во Русе, но и на избирачките места во странство.

Инфографик: Mediapool.bg, изработено во Flourish Charтs

Коалицијата на партиите Граѓани за европска Бугарија (ГЕРБ) – Сојуз на демократските сили (СДС) освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, со речици два процента предност пред следната политичка сила, коалицијата Продолжуваме со промената (ПП) – Демократска Бугарија (ДБ), покажуваат резултатите од 99 отсто од обработените гласови во реонските изборни комисии, јави бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.

Изразено во бројки, ГЕРБ-СДС има 26,57 отсто од гласовите, а ПП-ДБ, 24,66 отсто, односно предноста на коалицијата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов изнесува речиси два процента.

ГЕРБ-СДС успеа да ги мобилизира своите структури во повеќе области во Бугарија, а ПП-ДБ пак го компензираше послабото претставување во повеќе обласни центри со силни резултати во најголемите градови – Софија, Пловдив, како и во Русе, но и на избирачките места во странство.

ПП е партијата на последниот политички премиер на Бугарија – Кирил Петков. Со Бугарија сега управува техничка влада, назначена од претседателот Румен Радев.

На трето место е националистичката и проруска партија „В’зраждане“ (Преродба) со 14,2 отсто од гласовите, додека на четвртото место е Движење за права и слободи – ДПС (традицонално, партија ориентирана кон бугарските муслимани од разни националности) е на четвртото место со 13,39 отсто од гласовите.

Петта е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 8,97 отсто од гласовите. Последната партија што успеа да го надмине цензусот за влез во 49-от состав на парламентот, односно стана парламентарен фактор, е Има таков народ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов, со освоени 4,15 отсто доверба.

На вчерашните избори „Не поддржувам никого“ заокружиле 4,2 од гласачите, што е повисок изборен резултат отколку тој на ИТН, пишува mediapool.bg.

На гласањето во странство, од 99,86 отсто од обработените ливчиња, победник е ДПС, со 36,86 отсто од гласовите, што се должи најмногу на гласањето во Турција, каде има најмногу бугарски државјани со право на глас во странство. На второто место е ПП-ДБ, со 26,67 отсто од гласовите, а трета сила е антиевропејската „Преродба“, со 16,46 отсто од странските гласови. На четвртото место е ГЕРБ со 8,33, а ИТН има 5,15 отсто.