Свет Европа Француската полиција уапсила осомничен за пожарот во кој загинаа осум луѓе

Француската полиција уапсила осомничен за пожарот во кој загинаа осум луѓе

Француската полиција уапсила едно лице кое е осомничено дека го предизвикало пожарот во станбена зграда во Париз, во кој утрово загинаа осум луѓе, меѓу кои и две деца, јавува „Би-Би-Си“.

Медиумите, повикувајќи се на полициски извори, пренесуваат дека осомничениот, кога бил пронајден, кај себе имал свеќа и запалка, а според дел од извештаите, станувало збор за маж на околу 30-годишна возраст, кој од претходно ѝ бил познат на полицијата.

Полициски извори соопштиле дека осомничениот бил откриен по пријава од очевидец и врз основа на снимките од безбедносните камери.

Според информациите, истрагата за пожарот ја води криминалистичката полиција.

Пожарот избил во северниот дел на градот, во станбена зграда, првин во приземјето, а потоа се проширил кон скалите. Во неговото гаснење учествувале повеќе од 100 пожарникари. Петмина од преживеаните, во критична состојба, се пренесени во болница.