Свет Балкан „Фајненшл тајмс“: ЕУ ќе прими шест држави од Балканот, меѓу нив и...

„Фајненшл тајмс“: ЕУ ќе прими шест држави од Балканот, меѓу нив и Македонија

Планот на ЕУ е во своето членство да прими шест држави: Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија, но и Косово, пишува „Фајненшл тајмс“.

Според весникот, главната причина за таквиот потег на Брисел е што Балканот служи како главен „терен“ преку кој илјадници емигранти стигнуваат до тлото на Европската Унија. Меѓутоа, „Фајненшл тајмс“ тврди и дека стратезите на ЕУ стравуваат дека Русија опасно ја шири својата зона на влијание, токму во регионот каде што традиционално веќе има сојузници.

Новиот план на Брисел ќе ѝ биде претставен на Европската комисија на 6 февруари, кога ЕУ треба да го претстави својот план за Западниот Балкан. Се очекува новиот план да биде усвоен, пишува ФТ.

Рокот за „големото проширување на ЕУ“ е датумот кој веќе беше спомнуван во српската јавност како рамка до која Србија треба да биде примена во ЕУ, а тоа е 2025 година.

„Фајненшл тајмс“ истакнува дека шесте држави сепак ќе мораат, пред конечниот прием во ЕУ, дефинитивно да ги решат отворените прашања, како и проблемот со корупцијата. Во таа смисла најблиску до достигнувањето на целта се Србија и Црна Гора.

Се истакнува и дека Бугарија, која во моментов претседава со Унијата, но и Австрија, која е следна, како свои приоритети го одредија токму проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан.