Свет Балкан ЕУ ја услови Грција: Или реформи или привремен излез од еврозоната

ЕУ ја услови Грција: Или реформи или привремен излез од еврозоната

Самитот на еврозоната продолжи по кратката пауза на која грчкиот премиер Алексис Ципрас имаше одвоени средби со лидерите за новите предлог-мерки, јавува „Би-Би-Си“.

Ципрас се сретна со германската канцеларка, францускиот претседател и со претседателот на ЕУ, во обид да постигнат договор до крајот на денот.

Лидерите го разгледале предлогот доставен од министрите за финансии на еврозоната. Во нацрт-пакетот, како што јавува „Би-Би-Си“, се сугерира Грција привремено да ја напушти еврозоната доколку не успее да постигне договор.

Во документот се наведува дека на Грција треба да ѝ се понудат брзи преговори за излез од еврозоната со можност за реконструкција на долгот.

Како друга можна опција се нуди формирање независен фонд, на кој ќе бидат префрлени вредните грчки имоти, кои постепено ќе бидат приватизирани.

Во документот се наведува дека Грција се согласила до среда да воведе нови законски мерки, меѓу кои се реформи на пензискиот систем, данокот на додадена вредност, реформирање на пазарот на труд, зголемување на приватизацијата и зајакнување на финансискиот сектор.

Претходно лидерите од еврозоната порачаа дека Грција мора да ја врати довербата кај нив за да може да има пристап до новиот пакет на финансиска помош, а тоа може да го постигне само доколку во рок од 72 часа ги спроведе реформите.