Анализи ЕУ е како стоногалка: Францускиот амбасадор во Скопје се испоти правдајќи го...

ЕУ е како стоногалка: Францускиот амбасадор во Скопје се испоти правдајќи го Макрон

На прес конференција што траеше саат и пол, францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, во четвртокот во Скопје седна на „жешкото столче„ пред новинарите. Амбасадорот се обиде да ги објасни мотивите на Франција за изјаснување против почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската Унија во Самитот на ЕУ на 18ти октомври.

Одлуката беше примена со големо разочарување од граѓаните во Северна Македонија, а владата и опозиционите партии одлучија земјата да оди на предвремени избори во април.

„Го чувствувам разочарувањето на граѓаните овде и тоа го пренесов во Париз„ вели Кристијан Тимоние во првиот јавен настап откако неговиот претседател реши да не се согласи Македонија годинава да добие датум.  Според него, се давале ветувања, пред работата да биде завршена.

„Некои дадоа ветувања, а после ја префрлија грижата на други за да ги исполнат. Сега и тие треба да сносат дел од одговорноста. Јавното мислење беше подготвено за позитивна одлука, што пак беше притисок врз земјите-членки. Во јуни требаше да се разговара за текот на реформите, а во текот на летото се подигнаа очекувањата дека одлуката на членките ќе биде компензација за Преспанскиот договор. Се случи чудна промена на перспективите – од исполнување на конкретни задачи со геополитички аспекти, таков беше случајот со некои од нашите партнери во Унијата. Ме прашувате дали има шанси да се промени ставот на претседателот Макрон. Ништо не е затворено и ништо не беше затворено на неговата прес-конференција“, рече Тимоние пред новинарите.

„Морам да ви признам дека се отвора прашањето за нашето внатрешно функционирање, точно е дека идеите не се јасни, особено за идното функционирање на ЕУ… Што значи проширување, како ќе се направи. Зошто? За да не се најдеме во процес да го правиме она што сме го правеле и само да и додаваме нозе на стоногалка која и онака тешко се движи на меѓународната сцена“, истакна амбасадорот.

Порача дека нема гаранции дали и што ќе биде направено пред самитот во Загреб до кој Унијата пак треба да се наврати на прашањето за датум.  Кажа дека новата методологија за земјите од Северен Балкан се спрема, но не даде детали кога се очекува таа да се финализира.

Одлуката на Франција поттикна низа реакции во Македонија, Европа дури и САД и беше наречена „историска грешка“.