Свет Балкан ЕУ бара засилена македонско-грчка гранична соработка

ЕУ бара засилена македонско-грчка гранична соработка

Грција прифати да прими и да згрижи 50.000 бегалци на нејзина територија. Покрај ова, на вчерашниот Самит за бегалската криза во Брисел, грчкиот премиер Алексис Ципрас го прифати и условот да се почне засилена меѓугранична соработка за подобро справување со бегалците што минуваат низ Балканот меѓу Атина, Скопје и Тирана.

Според информациите во Грција, Европската комисија инсистирала веднаш да се имплементираат мерките за градење доверба меѓу Атина и Скопје, особено во делот околу граничната соработка.

Весникот „Вима“ пренесува дека на крајот од месецов е предвидена средба меѓу претставници на македонското и на грчкото министерство за надворешни работи околу мерките за градење доверба. Загриженоста во Грција е дека со сигурност ќе постои засилен европски притисок, спроведувањето на овие договорени мерки да почне што поитно поради бегалската криза.

Еден од европските предлози што Ципрас го одбил на Самитот е идејата македонско-грчката, но и грчко-албанската граница да ја контролира Фронтекс, за да се има подобар увид во бројот на бегалците што преминуваат кон Западна Европа.

Конечниот договор бил дека трите држави ќе работат на тоа засилено да соработуваат на границите, а Фронтекс наместо целосна контрола ќе помага во запишувањето на бегалците кои минуваат од Грција.

Според информациите, Ципрас ја одбил и идејата да се креира цел град за бегалци во Грција, која, според него, би била огромен товар и преголем залак за Грција. Наместо ова, државата ќе прифати 50.000 бегалци и за нив ќе обезбеди центри за бегалци на островите, во Атина и низ Северна Грција.