Свет Балкан Ердоган: Ќе се бориме докрај против сите напади на терористичките групи

Ердоган: Ќе се бориме докрај против сите напади на терористичките групи

По повод терористичкиот напад во ноќен клуб во Истанбул, во кој загинаа 39 лица, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција ќе се бори докрај против сите напади на терористичките групи и на нивните поддржувачи и додаде дека ваквите напади не се независни од случувањата во регионот.

– Тие се обидуваат да создадат хаос, да го деморализираат нашиот народ и да ја дестабилизираат земјата со ваквите напади насочени против цивили. Ние ќе ја сочуваме присебноста како нација, уште повеќе ќе се сплотиме, никогаш нема да отстапиме пред ваквите валкани игри – се вели во писмената изјава на претседателот, објавена денеска.

Нападот во Истанбул го осудија голем број светски политичари меѓу кои рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд, како и Европската Унија и Белата куќа.