Македонија Експресниот кинески воз за Битола „времено“ е укинат веќе цела година, прескапа...

Експресниот кинески воз за Битола „времено“ е укинат веќе цела година, прескапа била поправката

Експресниот воз „Хераклеа“ на релацијата Скопје - Битола - Скопје „привремено“ беше укинат на 6 август 2018 година и до денешен ден ја чека поправката на расипаната кинеска гарнитура. Времето на патување меѓу двата града со него изнесуваше 2 часа и 40 минути

Експресниот воз „Хераклеа“ на релацијата Скопје – Битола е укинат веќе една година, без најави за негово повторно враќање во сообраќај. И покрај бројните реакции на граѓаните за повторно воведување на овој воз, од Железници на РСМ – Транспорт велат дека еден од новите кинески возови е расипан и неупотреблив за сообраќај.

– Поради високата цена за поправка како и стручната помош од кинеските производители, МЖ бара начин како и на кој начин да го реши овој проблем што е побрзо можно – велат за „Мета“ од Железници на РСМ – Транспорт.

Железничкиот транспортен оператор постојано бара повеќе финансии од државата, со кои би можел навремено да го одржува возниот парк. Железницата е со натрупани долгови, кои секогаш најпрво негативно се одразуваат на редуцирањето возови за превоз на патниците. Од таму за „Мета“ признаваат дека извесно време имаат проблеми и со сообраќањето на брзиот воз меѓу Скопје и Приштина, поради честите дефекти на дизел локомотивите стари повеќе од 50 години.

– МЖ Т прави напори редовно да го опслужува овој воз и секогаш кога има на располагање локомотива, овој воз сообраќа – посочуваат тие во однос на сообраќањето на брзиот воз Скопје – Приштина – Скопје. Од железничкото претпријатие немаат најнова статистика за процентот на откажани возови поради недостигот на возниот парк, но тврдат дека тој не надминува 5 отсто во однос на сите железнички линии предвидени во возниот ред.

Експресниот воз „Хераклеа“ на релацијата Скопје – Битола – Скопје „привремено“ беше укинат на 6 август 2018 година и до денешен ден ја чека поправката на расипаната кинеска гарнитура. Времето на патување меѓу двата града со него изнесуваше 2 часа и 40 минути, со поаѓање од Битола во 5.20 часот наутро и од Скопје во 17.10 часот попладне. Овој воз беше преполн со патници, поради побрзото време на патување отколку со автобус и пониската цена на билетот.

За нередовното сообраќање на брзиот воз меѓу Скопје и Приштина на Интернет најмногу реагираат странските туристи, кои неуспешно се обиделе од скопската железничка станица да го фатат возот со поаѓање од 16.10 часот за косовскиот главен град.