Македонија Економист: Македонија од хибриден режим напредуваше во земја со нецелосна демократија

Економист: Македонија од хибриден режим напредуваше во земја со нецелосна демократија

Извор: Економист

Угледното списание Економист во нивниот Индекс на демократија за 2021 година ја рангираше Северна Македонија во групата на „демократски земји со недостатоци“ или „нецелосна демократија“, што претставува искачување за едно скалило погоре во однос на досегашното рангирање на земјава како „хибриден режим“. Инаку, нашата земја со години наназад спаѓаше во категоријата „хибриден режим“.

Економист ја рангирал состојбата со демократијата во 167 земји врз основа на пет мерења – изборниот процес и плурализмот, функционирањето на владата, политичкото учество, демократската политичка култура и граѓанските слободи. Притоа, рангирањето покажува дека повеќе од една третина од светската популација живее во авторитарни режими, додека само 6,4 отсто живеат во полна демократија.

Индексот на демократија ги рангира земјите во четири групи: авторитарни режими, хибридни режими, демократски земји со недостатоци и целосни демократии. Први на ранг-листата се Норвешка, Нов Зеланд, Финска, Шведска и Исланд, додека најслабо рангирани се авторитарните режими на Централната Африканска Република, ДР Конго, Северна Кореја, Мјанмар и Авганистан.

Северна Македонија за една година успеала да се искачи за пет места на светската ранг листа и во моментов се наоѓа на 73-тото место, додека во 2020 беше 78-ма. Заедно со нашата земја, во групата „демократски земји со недостатоци“ лани влегле и Црна Гора и Молдавија.

Од земјите во регионот, Романија се наоѓа на 61-во место, Србија е рангирана на 63-то место, Албанија на 68-мо место, додека Црна Гора и Босна и Херцеговина имаат полошо рангирање од земјава. Меѓу балканските држави, најдобро рангирани се Грција и Словенија. Наспроти ова, во групата на хибридни режими се вклучени Босна и Херцеговина и Турција.