Дописници Еко-активистите имаат големо влијание врз институциите за заштита на околината

Еко-активистите имаат големо влијание врз институциите за заштита на околината

Активностите и дебатите за еколошките теми имаат големо влијание врз надлежните институциите во преземањето соодветни чекори за заштита на животната средина, беше истакнато на денешната панел-дискусија „Жените во заштита на животната средина“, организирана во чест на Денот на Европа.

Универзитетската професорка Беса Арифи смета дека досегашните акции на невладините организации дале плод и дел од институциите презеле превентивни мерки во областа на екологијата.

– Па, знаете дека Тетово беше еден од најзагадените градови во Македонија. Имаше повеќе герила-акции и протести од невладината органзиација „Еко-герила“, исто така и од невладината „Мајка и дете“. Од нивна страна имаше голем притисок врз властите, најголемиот загадувач „Југохром“ да не работи без филтри. „Југохром“, знаете, сега не работи и наложено му е додека не ги постави филтрите, да не ги вклучува печките. Затое ние треба да бидеме поактивни, и како жени да ги притискаме институциите да преземаат чекори во областа на заштита на животната средина, затоа што се работи за нашето здравје“, изјави Арифи.

На панел-дискусијата присуствуваа и активистки кои им порачаа на студентите и на средношколците да бидат еколошки посвесни и со разни активности да придонесуваат повеќе за заштита на животната средина.