Хроника Едното од избодените момчиња во Ново Лисиче оперирано и сместено на КАРИЛ

Едното од избодените момчиња во Ново Лисиче оперирано и сместено на КАРИЛ

Според неофицијални информации од полицијата, момчињата не биле нападнати од поголема група, туку од едно лице на кое сакале да му помогнат

На едно од двете момчиња, кои ноќеска, триесетина минути по полноќ, беа избодени со нож во скопската населба Ново Лисиче, му бил извршен хируршки зафат, по што е сместено на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување и е приклучено на респираторна машина, велат за „Мета“ од Ургетниот центар.

Оттаму додаваат дека момчето имало посериозни повреди на крвните садови, кои биле санирани, но поради нивната природа неговата состојба сè уште се води како критична и е под постојан лекарски наздор.

– Во ургентиот центар се примени две момчиња, од кои едното со посериозни повреди на кривните садови на натколеницата. Извршен е хируршки зафат и момчето е на интензивна нега и е приклучено на респираторна машина. Другото момче е примено на клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и кај него се констатирани полесни повреди – велат од Ургентиот центар.

Двете момчиња, како што неофицијално дознава „Мета“, не биле нападнати од поголема група, како што стоеше во првичната информација на полицијата, туку од едно лице.

Неофицијално, во разговор со полицијата, едно од повредените момчиња кое е во контактибилна состојба, рекло дека ноќеска додека џогирале во Ново Лисиче, забежале непознато лице, спружено на клупа, кое не се чуствувало добро и повраќало. Тие дошле до него со намера да му помогнат, но во тој момент тоа извадило нож и почнало да ги боде.

Полицијата трага по напаѓачот.