Македонија Едногодишно дете починало од ковид-19 на крајот од ноември, денеска шест починати...

Едногодишно дете починало од ковид-19 на крајот од ноември, денеска шест починати лица

Photo by Kelly Sikkema on Unsplash

Едногодишно дете починало од ковид-19 на 29 ноември, информираа од Институтот за јавно здравје. Според податоците добиени од Клиниката за детски болести, станува збор за дете кое престојувало во дом за деца без родители во Битола и истото повеќекратно наназад било хоспитализирано поради компликации во склоп на основните заболувања: Остеохондродисплазија, Епилепсија, Хидроцефалус, Малнутриција и Дилатациона кардиомиопатија.

„До денот на последната хоспитализација, детето е хоспитализирано во Клиничка болница Битола каде поради долнореспираторен инфект е лекувано од 15.11.2021 до 24.11.2021 кога поради влошување на општата состојба и добиен позитивен тест на Ковид 19, е упатено во ИБЗД Козле“, информираат од Институтот за јавно здравје.

По аплицирана терапија и неможност да се одговори на тежината на клиничката слика, детето од болницата „Козле“ е префрлено на Клиника за детски болести како институција од терцијарен карактер, за понатамошен третман и соодветно лекување, но бебето починало на 29 ноември.

Ова дете е само едно од петте лица што денеска се пријавени во Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од „Мој термин“. Станува збор за лица починати од 22 ноември до 20 декември од Куманово (2), Скопје (1), Битола (1) и Гостивар (1). Најмладиот случај е бебе на една година, а најстариот на возраст од 86 години.

Во изминативе 24 часа се регистрирани 311 оздравени пациенти, како и 6 починати лица: 2 починати лица од Велес (64г и 83г) и по едно починато лице од Скопје (74г), Прилеп (90г), Кичево (85г) и Радовиш (79г).

Според најновите бројки што ги соопшти Министерството за здравство (МЗ), во изминативе 24 часа со направените 3.511 тестирања се откриени 333 нови случаи на ковид-19.

Од 333 нови случаи на болеста, најголемиот број се од Скопје – 181, а следуваат Прилеп и Битола, со по 25 нови случаи, потоа Охрид со 14.

Досега во земјава се направени вкупно 1.565.599 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковиддијагностицирани лица изнесува 222.666, бројот на оздравени пациенти е 209.602, на починати е 7.879, а бројот на активни случаи изнесува 5.185.