Македонија „Е-општество“: Мора да има рамнотежа меѓу слободата на изразување и правото на...

„Е-општество“: Мора да има рамнотежа меѓу слободата на изразување и правото на приватност

Треба да се постигне рамнотежа меѓу слободата на изразување и правото на приватност, е заклучокот од денешната единаесетта меѓународна конференција „Е-општество“, посветена на слободата и на приватноста на интернет, во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и на Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен, Франција.

Амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер, вели дека интернетот е нов начин на дијалог и на информирање, но претставува и своевиден ризик кога терористите го користат како алатка за дискусија.

– Сведоци сме на доближување на границата помеѓу виртуелното и реалното. Медиумите се првиот вектор за информирање на граѓаните, а во овие шест месеци до избори тие треба да се трудат да информираат реално и објективно и да се чувствуваат супериорно во однос на политичките партии – вели Оер.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, рече дека светот пред и по интернетот не е ист и тој овозможува правото на говор да биде послободно, а дека социјалните мрежи влијаат врз демократските процеси.

Интернетот дава и придонесува за слободата на изразување и тој претставува одличен извор на информации. Затоа важно е тој да биде заштитен, смета Жонас Боша, директор на Меѓународниот институт за човекови права и мир.

Бардил Јашари, директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, вели дека клучно е да се најде рамнотежа помеѓу слободата на изразување и правото на приватност.

– Интернетот треба да биде слободен, а граѓаните на Македонија треба да можат слободно да се изразуват. Во име на сигурноста и на безбедноста, директно се загрозува слободата на изразување и слободата на интернетот. Треба да најдеме начин како интернетот да остане слободен, а правото на приватност на граѓаните да биде обезбедено. Интернетот мора да биде ослободен од говорот на омраза – додава Јашари.