Економија ДЗС: Во јули за 94,9 отсто помалку странски туристи

ДЗС: Во јули за 94,9 отсто помалку странски туристи

Туризмот во земјава продолжува да бележи катастрофални резултати како последица на ковид-кризата, која најмногу го погоди токму туристичко-угостителскиот сектор. Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за месец јули 2020, бројот на домашните туристи, во однос на јули 2019 година, е намален за 4,8 отсто, а на странските за 94,9 отсто.

Бројот на странските туристи во јули 2020 година изнесувал 4.991, наспроти 97.666 во истиот месец минатата година. Домашни туристи, пак, имало 70.000, а лани во јули биле 74.196.

Вкупниот број на туристи во јули годинава изнесува 75.591, додека бројот на остварени ноќевања изнесувал 436.180. Притоа, бројот на сите туристи, во однос на јули минатата година е намален за 56 отсто, а на ноќевањата за 36,1 отсто.

Домашните туристи оствариле за 6,3 отсто помалку ноќевања, во однос на јули 2019 година, а странските туристи за дури 93,4 отсто помалку.

Во периодот јануари ‒ јули оваа година, во однос на истиот период од претходната, вкупниот број на туристите е намален за 67,4 отсто, и тоа: кај домашните има намалување за 43,9 отсто, а кај странските за 79,6 отсто.

Во истиот тој период, вкупниот број на ноќевањата е помал за 56,6 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 30,8 отсто, а кај странските за 80,3 отсто, во споредба со првите седум месеци од минатата година.