Економија ДЗС: Пад на извозот од 23,8 отсто во првиот квартал од годинава

ДЗС: Пад на извозот од 23,8 отсто во првиот квартал од годинава

Во периодот јануари-април 2020 година, вкупниот обем на трговската размена со странство изнесува 4.305.200.000 американски долари, при што вкупната вредност на извозот достигна 1.782.502.000 долари и бележи пад од 23,8 отсто, во однос на истиот период од претходната година. Според податоците на Државниот завод за статистика, вредноста на увeзената стока изнесува 2.522.698.000 долари, што е за 19 отсто помалку во споредба со истиот период лани. Покриеноста на увозот со извозот била 70,7 отсто, а трговскиот дефицит во првите четири месеци од 2020 година, изнесува 740.196.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица.

Во увозот се најмногу застапени биле платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – април 2020 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.