Свет Балкан Дополнително осиромашиле 75 отсто од домаќинствата во Грција

Дополнително осиромашиле 75 отсто од домаќинствата во Грција

Средната класа во Грција полека се топи и дури 75 отсто од домаќинствата во Грција дополнително осиромашиле во текот на 2016 година поради рестрикциите во текот на изминатите години и товарот од сè поголемите даноци. Половината од Грците се подготвени да ја напуштат земјата. Овие поразителни резултати ги покажа годишното истражување на Конфедерацијата на занаетчиите и на трговците во Грција.

Грчките медиуми ударно ги пласираа овие нови сознанија. „Нафтемоборики“ алармира дека економската емиграција е на алармантно ниво и 67,7 отсто од младите планираат да побараат подобра иднина во странство. Сè повеќе се намалува наталитетот, а пензиите се основен извор на приходи за половина од грчките граѓани.

За смрт на средната класа пишува и дневниот весник „Имерисија“, кој исто така ја пренесува поразителната бројка за драстичното намалување на приходите на 75 отсто од Грците.

Истражувањето е спроведено на 1.000 домаќинства во периодот помеѓу 14 и 26 ноември минатата година.