Главна секција Димитров и Османи на 14-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација

Димитров и Османи на 14-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во Брисел денеска ќе учествуваат на 14-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација на Македонија и ЕУ.

На состанокот се очекува да бидат разгледани теми за односите меѓу Македонија и ЕУ во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, подготовките и предизвиците кои произлегуваат од временската рамка за почеток на преговорите, која неодамна ја усвои Советот на Европската Унија, како и останати теми поврзани со европските интеграции на Македонија.

Со годинешниот состанок ќе претседава високата претставничка на ЕУ и потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини, а во делегацијата на ЕУ е и еврокомесарот за  проширување Јоханес Хан. Копретседавач ќе биде македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, а ќе учествува и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ, како највисока форма на институционална соработка меѓу двете страни, заседава еднаш годишно.