Македонија ДИК утре свечено ќе ги врачи уверенијата на новоизбраните пратеници во Собранието

ДИК утре свечено ќе ги врачи уверенијата на новоизбраните пратеници во Собранието

Државната изборна комисија (ДИК) утре свечено ќе им ги врачи уверенијата на претставниците на коалициите и на политичките партии кои освоија пратенички мандати на предвремените парламентарни избори, кои се одржаа на 11 декември. Ова го отвора патот за свикување конститутивна седница на новото собрание.

„Ве известуваме дека уверенијата за пратениците избрани на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, Државната изборна комисија ќе им ги врачи на овластените претставници на коалициите и на политичките партии кои освоија пратенички места, на свечен настан закажан за 28 декември 2016 година (среда) со почеток во 14 часот. Настанот ќе се одржи во седиштето на Државната изборна комисија (во зградата на поранешниот НИП „Нова Македонија)“, стои во соопштението на ДИК.

На предвремените парламентарни избори Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, Коалицијата предводена од СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратенички места.

По прогласувањето на конечните резултати и врачувањето на уверенијата, според Уставот, крајниот рок за конституирање на новото Собрание е 31 декември, односно 20 дена од одржувањето на изборите, кои во овој случај беа на 11 декември.

Се очекува претседателот на претходниот собраниски состав, Трајко Вељаноски, следните денови да ја свика конститутивна седница, а доколку тоа не го направи од некоја причина, честа да ја свика и да ја води првата седница, според Деловникот на Собранието, ќе ја има највозрасниот пратеник од новоизбраниот состав – Бранко Маноиловски од ДУИ.