Македонија ДИК ги отфрли сите приговори на партиите, најави за тужби до Управен...

ДИК ги отфрли сите приговори на партиите, најави за тужби до Управен суд

Државната изборна комисија (ДИК), вчера ги отфрли сите 2.141 приговори поднесени од партиите во врска со предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули.

Левица поднесе 1.982 приговори, но ДИК најголемиот дел од нив ги отфрли бидејќи немале потпис и печат. Лидерот на партијата Димитар Апасиев, на неговиот фејсбук-профил најави поднесување тужби пред Управниот суд по одбиените приговори од ДИК.

Од друга страна, кривична пријава за ДИК најавија од коалицијата „Никогаш Северна, само Македонија“.

„Како носител на листа во ИЕ бр 2 од Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија” во име на Коалицијата и во мое лично име, денес 20.07.2020 во 10,45 часот ке поднесам кривична пријава против Претседателот и членовите на ДИК за повреда на член 178 од Изборниот законик, а во врска со сторени кривични дела според одредбите од Кривичниот законик,“ вели носителот на листа Јове Кекеновски во дописот до медиумите.

Политичките партии по синоќешното отфрлање на приговорите од ДИК сега имаат можност во рок од 24 часа да поднесат тужба до Управниот суд, кој пак по нејзиниот прием во период од 60 часа треба да одлучи по тужбите. Откако Управниот суд ќе донесе одлука по сите тужби, ДИК ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули.