Свет Европа Џоли се сретна со Ципрас, во Идомени – вечерва или утре

Џоли се сретна со Ципрас, во Идомени – вечерва или утре

Холивудската ѕвезда и амбасадор на добрата волја на Обединетите нации, Анџелина Џоли, ги посети бегалските кампови во Атина и се сретна со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Џоли се очекува подоцна попладнево да замине за Солун, а оттаму и за Идомени на границата со Македонија.

Опкружена од илјадници бегалци, но и од грчките медиуми, Џоли, која денеска слета во Атина, првично замина во посета на бегалскиот камп на пристаништето Пиреа. Американската ѕвезда таму разговараше со дел од бегалците и со малите деца за нивната положба и за условите во овој неформален камп, каде во моментов чекаат 4.000 лица. Додека поминуваше, застана покрај една бегалка од Сирија и емотивно го прегрна нејзиното бебе. Џоли седна заедно со семејство од Авганистан во еден од контејнерите на пристаништето и ја слушна нивната приказна за одлуката да ја напуштат татковината и за ризичниот пат до Грција.

Таа едвај успеа да си замине оти илјадниците бегалци трчаа кон неа за да ја видат барем на кратко и да ѝ кажат по некој збор.

Во 17 часот, во премиерската палата таа имаше средба со грчкиот пемиер, Ципрас.

Оттаму американската ѕвезда и амбасадор на добрата волја на ОН се очекува да замине авионски за Солун, а потоа можно е да оди во кампот во Идомени, меѓутоа не се знае точно дали денеска или утре ќе биде таму.