Македонија Девет години и два месеци казна затвор за Бобан Смилевски за грабежот...

Девет години и два месеци казна затвор за Бобан Смилевски за грабежот во НЛБ

Бобан Смилевски доби девет години и два месеци затвор за милионскиот грабеж што го изврши во НЛБ. Неговиот брат Горан Смилевски, второобвинет во случајот, е осуден на шест години и шест месеци затвор.

Третообвинетиот Борис Минчевски доби пет години и два месеца, а Мирослав Каевски беше условно осуден на две години и судот му изрече забрана за отуѓување и за давање под закуп на недвижен имот. Со одлуката, судот го одзеде и возилото „голф“ кое се споменува во обвинението.

Според обвинителниот акт, тие се товарат дека од НЛБ украле првин 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра, а потоа уште 2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра.

Четворицата обвинети за грабежот ја признаа вина, но не открија што сториле и каде се украдените пари.

Судијата Дарко Тодоровски висината на казните ја образложи со фактот дека обвинетите не откриле каде се украдените пари.

Со пресудата тројцата првообвинети се задолжени и во рок од една година по правосилноста на пресудата, солидарно да ја надоместат штетата на банката.

Смилевски во завршните зборови ја призна вината и рече дека парите ги украл бидејќи имал долгови, а тој и семејство живееле под закани.

– Делото не е од лукративна причина и не е за да се оствари имот за себе или за кој било друг. Бев во долгови и во последните два месеци бев под закани, јас и семејството. Губењето самоконтрола ме доведе до ова. За себе можам да кажам дека сум бил пример во приватниот живот, општеството, а до кражбата за себе можам да кажам дека не сум бил криминалец, ниту имам криминален ум – рекол Смилевски во својот завршен збор.