!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Првообвинетиот за грабежот во НЛБ тврди дека парите ги украл поради долгови


       
Скопје, 27 октомври, 2017 - 13:37 (META) 

Бобан Смилевски, првообвинетиот за грабежот во НЛБ, во завршните зборови ја призна вината и рече дека парите ги украл бидејќи имал долгови, а тој и семејство живееле под закани, пренесува „Фокус“.

– Делото не е од лукративна причина и не е за да се оствари имот за себе или за кој било друг. Бев во долгови и во последните два месеци бев под закани, јас и семејството. Губењето самоконтрола ме доведе до ова. За себе можам да кажам дека сум бил пример во приватниот живот, општеството, а до кражбата за себе можам да кажам дека не сум бил криминалец, ниту имам криминален ум – рекол Смилевски во својот завршен збор.

Тој додал дека другите обвинети ненамерно ги вмешал, па затоа побара тој да биде казнет наместо нив.

– Колку е поблага казната и колку побргу се вратам во општество, ќе почнам побргу да придонесувам – рекол Смилевски.

Тој им се извини на своите родители за нанесениот стрес и срам, како и на својата сопруга која ја оставил со две малолетни близначиња.

Објавата на пресудата за овој случај е закажана за 3 ноември.

Претходно, Обвинителството побара највисоки казни за четворицата обвинети во случајот – Бобан Смилевски, неговиот брат Горан Смилевски, Борис Минчевски и Мирослав Каевски.

Според обвинителниот акт, тие се товарат дека од НЛБ украле првин 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра, а потоа уште 2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра.