Македонија Дескоска ќе се сретне со семејствата на жртвите во „Монструм“

Дескоска ќе се сретне со семејствата на жртвите во „Монструм“

Министерката за правда Рената Дескоска ќе се сретне со семејствата на жртвите во случајот „Монструм“ и детално ќе ги информира околу преземените дејствија за екстрадиција на лицата од Косово, соопшти Министерството за правда. Соопштението уследи откако обвинителката Фатиме Фетаи на денешното рочиште за случајот „Монструм” пред судот рече дека ќе мора Министерството за правда да побара детален одговор околу екстрадицијата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово.

Пред почетокот на судењето, Фетаи побара одговор од министерката дали воопшто е побарана екстрадиција за обвинетите Алил Демри Африм Исмаиловиќ, бидејќи, како што рече, цела година судот добива едно исто известување дека постапката е во тек.

Адвокатот на одбраната Насер Рауфи рече дека барањето веќе еднаш е одбиено за екстрадиција и дека нема потреба да се бара повторно.

Родителите на убиените момчиња побараа средба со министерката за правда до одржувањето на следното рочиште.

На тоа стаса одговорот од Министерството за правда за средба со роднините на убиените. Од министерството велат и дека ги прават сите напори двајцата бегалци од правдата да ги донесат во земјава.

„Првото барање за екстрадиција на лицата е испратено во март 2013 година. На 22 јануари 2016 година, Апелациониот суд на Република Косово го одбива првото барање за екстрадиција. Откако беше комплетиран предметот повторно, од страна на министерката Дескоска беше испратено новото барање за екстрадиција, кое Министерството за правда на Косово го имаат примено на 5 септември 2018 година.
Во новото барање детално се задржавме на сите точки кои беа истакнати во претходно одбиено барање за екстрадиција. Од поднесувањето на барањето за екстрадиција – до денес Министерството за правда на Република Северна Македонија нема добиено никаков одговор од Министерството за правда на Косово“, се вели во соопштението, во кое се појаснува дека дека на министерството му преостанува единствено да испраќа ургенции и да бара од надлежните косовски власти да се произнесат.

Такви ургенции биле пратени на 26 февруари година и 3 јули оваа година.