Македонија Денеска истекува рокот – во ДИК нема пријави за независни пратеници

Денеска истекува рокот – во ДИК нема пријави за независни пратеници

Денеска е последниот ден за собирање потписи за предлог на листа на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија од група избирачи за изборите на 5 јуни.

Како што дознаваме, досега до подрачните одделенија на ДИК нема пријавено ниту една листа од група избирачи, а со оглед на тоа дека вечерва на полноќ истекува рокот за собирање потписи, не се очекува нешто да се промени.

Рокот за собирање потписи почна на 25 април, а за листата да може да се достави до ДИК, потребни се 1.000 потписи од граѓани.

Од ДИК, исто така, за „Мета“ информираат дека до денеска нема ниту една достасана листа на кандидати за пратеници од политичките партии.

Листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија, пак, овластените претставници на предлагачите (партиите) треба да достават до ДИК најдоцна до 11 мај 2016 година до 24 часот.

Засега се знае дека само ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе листа со кандидати за пратеници. Од СДСМ категорично одбиваат да се појават на изборите закажани за 5 јуни, а ДУИ сè уште калкулира. За тоа дали ќе учествува на изборите не се изјаснила до денеска ниту ДПА.