Свет Балкан Дачиќ: Харадинај е тест за Европа

Дачиќ: Харадинај е тест за Европа

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска изјави дека случајот со некогашниот командант на ОВК, Рамуш Харадинај, кој во Франција беше уапсен по српската потерница за воени злосторства, е тест за Европа.

– Ако политичките одлуки се поважни од тоа дали некој е воен злосторник или не, се поставува прашањето дали казнувањето воени злосторници е цел за која Европа се залага или тоа го применува само за Србите – рече Дачиќ за време на посетата на Здружението на семејствата на киднапираните и на убиените Срби на Косово.

Според зборовите на Дачиќ, Србија никогаш не ја оспорувала потребата сите што сториле воени злосторства, без разлика на нивната националност, да одговараат, но смета дека само Србите се прогласуваат за одговорни, додека „злосторствата против Србите се речиси оправдани“.

– Фактот дека нема осудени Албанци пред Хашкиот трибунал и дека се побиени сведоците против албанските терористи, како и дека разни земји не ги почитуваат потерниците, говори за тоа дека и понатаму постојат двојни стандарди и дека се легализира правото некој да убива Срби – оцени Дачиќ.