Свет Балкан Четириесет дена од масакрот во „Владислав Рибникар“: cвеќи и цвеќиња за жртвите

Четириесет дена од масакрот во „Владислав Рибникар“: cвеќи и цвеќиња за жртвите

Ѓорѓе Милиќевиќ, в.д министер за образование и министер без ресор задолжен за дијаспора, рече дека одлука на Владата е да започне реконструкција на училиштето, а еден дел да биде меморијален центар

Фото: Архива, Wikimedia Commons, https://www.youtube.com/watch?v=wzRlDjH2dLM

Во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар, Белград, денеска се одбележуваат 40 дена од убиството на девет ученици и еден чувар. Училиштето, како што пренесуваат српските медиуми, е отворено од 10 до 18 часот за граѓаните кои сакаат да положат цвеќе или да запалат свеќа во спомен на жртвите.

Граѓаните во масовен број денеска оставаат плишани играчки и палат свеќи во знак за почит кон жртвите.

По трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“, Владата на Србија формираше Совет за спречување на врсничко насилство, кој во наредниот период својата работа ќе ја насочи кон превенција, едукација и спречување на врсничкото насилство.

Ѓорѓе Милиќевиќ, в.д министер за образование и министер без ресор задолжен за дијаспора, рече дека одлука на Владата е да започне реконструкција на училиштето, а еден дел да биде меморијален центар. Во зависност од тоа колку ќе трае реконструкцијата, ќе се бараат модалитети учениците соодветно да го продолжат своето образование.

Советот на родители претходно побара детално објаснување за исходот од истрагата за десеткратното убиство.

На 3 мај годинава, седмоодделенецот К.К. (13) од ОУ „Владислав Рибникар“, уби девет ученици и чуварот во училиштето, а повреди пет ученици и наставничката по историја.

Во притвор е таткото на момчето, со оглед на тоа што оружјето било во негова сопственост и тој го носел својот син на стрелиште. Коста К., со оглед на тоа што нема наполнето 14 години и не може да одговара кривично, се наоѓа во психијатриска установа.

Ден после десеткратното убиство, во селата Дубона и Мало Орашје кај Младеновац, У.Б.(21) со калашников уби осум млади лица, а рани 14 лица.

Во вторник, на 13 јуни, најавена е панихида за жртвите.