Свет Балкан Четири лица загинаа во пад на грчки воен хеликоптер кај Лариса

Четири лица загинаа во пад на грчки воен хеликоптер кај Лариса

Четири воени лица загинаа, a една жена е тешко повредена во воен хеликоптер кој денеска се урна во област близу грчкиот град Лариса. Хеликоптерот летал од Лариса кон Кожани, кога се изгубил од радарот нешто пред 8 часот, во близина на областа Еласонас.

Центарот за справување со кризи почнал потрага по хеликоптерот еден час подоцна. Грчките спасувачки екипи ги нашле остатоците од хеликоптерот, четворицата загинати воени лица и една жена офицер со тешки телесни повреди, која веднаш е префрлена во воената болница во Солун.

Според информациите од Генерал-штабот на грчката армија, хеликоптерот извршувал планиран лет за контрола на северната граница на Грција, односно границата со Македонија и со Албанија, за проверка на безбедноста во пограничните региони. Овие летови, според весникот „Етнос“, редовно ги одржувале три лица од екипажот на хеликоптерот.

Во тек е истрагата за утврдување на причините за падот на хеликоптерот. Информациите од армијата се дека леталото било проверено и целосно исправно.

Пораки за сочуство до семејствата на загинатите испратија грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, премиерот Алексис Ципрас и лидерите на сите големи грчки политички партии, а министерот за одбрана, Панос Каменос, прогласи тридневна жалост во армијата.