Македонија Бундестагот ја усвои Резолуцијата за поддршка на Македонија, германската десница гласаше против

Бундестагот ја усвои Резолуцијата за поддршка на Македонија, германската десница гласаше против

Германските десничарски партии, вклучувајќи ја и ЦДУ/ЦСУ на поранешната премиерка Ангела Меркел гласаа против резолуцијата и изнесоа остри критики

Фото: Von Steffen Prößdorf, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=87433013

Со мнозинството гласови на социјалдемократите, Зелените и либералите, германскиот парламент синоќа ја усвои Резолуцијата за поддршка на Македонија на патот кон членство во ЕУ, во која е наведено и дека Бундестагот ги признава македонскиот јазик, култура и идентитет. Германските десничарски партии, вклучувајќи ја и ЦДУ/ЦСУ на поранешната премиерка Ангела Меркел гласаа против резолуцијата и изнесоа остри критики, пренесува Дојче Веле на македонски јазик.

„Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија“, изјави државната министерка во германското Министерство за надворешни работа, Ана Лирман.

Двајца пратеници на опозициските сестрински партии ЦДУ/ЦСУ се огласија против резолуцијата. Кристоф Клос од десничарската партија ЦДУ го критикуваше владејачкото мнозинство затоа што ја издвојува Северна Македонија од останатите држави од регионот.

„Да се разгледува секоја земја од Западниот Балкан одделно не е целисходно“, рече Клос и потсети дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел секогаш на регионот му пристапувала како на целина.

И пратеникот од радикално-десничарската партија АФД, Маркус Фронмаер за Северна Македонија изјави дека сме корумпирана и нестабилна држава, каде „просечната социјална помош во таа земја е 50 евро месечно“ – ако сме влегле во ЕУ, на два милиони луѓе ќе треба да им дале пристап до германскиот социјален систем.

Владејачката партија СДСМ се огласи со соопштение, во кое вели дека нашата држава уште еднаш доби силна поддршка во самата Европска унија, а ние како народ потврда и уште едно признание за нашиот македонски јазик, култура и посебност.

„Синоќа, германскиот парламент усвои Резолуција од 13 точки со која и се дава поддршка за европската иднина на Северна Македонија и признание на македонската култура, идентитет и јазик. Резолуција во германскиот Бундестаг не е само симболичен израз на поддршката што ја имаме од Германија, туку испраќа и моќна порака за исправноста на патот по којшто се движиме и почит кон нас како народ со сета своја посебност, кој има направено многу досега за европските вредности“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од СДСМ велат дека сега од нас зависи дали ќе ја искористиме оваа силна поддршка што ја имаме.

„Затоа уште еднаш ги повикуваме Мицкоски и ДПМНЕ да продолжи дијалогот, да формираат свој тим и потребните уставни измени да се донесат што побрзо, за да не ја пропуштиме оваа историска шанса за остварување на стратешките заложби“, стои во соопштението на СДСМ.

Иако нејзините сестрински партии во германскиот парламент гласаа против резолуцијата за поддршка на земјава за членство во ЕУ, високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ сепак излегоа со соопштение во кое го поздравија чекорот на германскиот Бундестаг.

„Чекорот на Бундестагот во Германија е за поздравување и е чекор во исправна насока. Меѓутоа првата ограда е дека во резолуцијата се вели дека го признаваат македонскиот јазик, култура и идентитет, морам да кажам дека и Бугарија го признава тоа, но вели дека до 1944 тој јазик бил бугарски“, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Клековски.