Македонија Бундестагот денеска ќе гласа резолуција за признавање на македонската култура, јазик и...

Бундестагот денеска ќе гласа резолуција за признавање на македонската култура, јазик и идентитет

Признавањето на македонската култура, идентитет и јазик се потврдува уште на самиот почеток на резолуцијата, наведувајќи дека македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа различност на ниво на ЕУ

Фото: Von Steffen Prößdorf, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=87433013

Резолуција за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ вечерва ќе се најде на дневен ред пред пратениците во германскиот парламент – Бундестагот. Оваа резолуција е предложена од пратеничките групи на социјалдемократите, зелените и либералите, а самиот документ е текст од три страници и со 13 препораки до германската влада за тоа што треба да направи за да го овозможи побрзиот развој на пристапувањето на нашата земја кон ЕУ.

Признавањето на македонската култура, идентитет и јазик се потврдува уште на самиот почеток на резолуцијата, наведувајќи дека македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа различност на ниво на ЕУ.

Германскиот пратеник од пратеничката група на Либералите Томас Хакер во изјава за Дојче Веле вели дека Бундестагот со оваа резолуција сака да ја охрабри Северна Македонија да го спроведе компромисот со Европската унија од летото 2022 година.

„Спроведувањето на компромисот нема да доведе до загуба на македонскиот јазик, култура и идентитет, како што стравуваат некои политички експонирани личности во Северна Македонија“, смета Хакер. Според пратеникот, исполнувањето на договорот ќе му овозможи на Скопје да го отвори првиот преговарачки кластер, а тоа, вели Хакер, „е од клучно значење”.

Инаку, како едно од барања што ги содржи резолуцијата, а се упатени до германската влада, е обврската за неа во однос на тоа да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Северна Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од дополнителни услови.