Свет Балкан Бугарската државна безбедност обвинета дека не спречила издавање бугарски пасоши на Руси

Бугарската државна безбедност обвинета дека не спречила издавање бугарски пасоши на Руси

Атанасов посочува дека станува збор за начин на инфилтрирање на луѓе од разузнавачките служби на Русија во Европа

Фото: kroum on Wikimedia Commons / Public domain

Државната агенција „Национална сигурност“ (ДАНС) не презела соодветни мерки по дојава дека постои канал за незаконско издавање бугарско државјанство на Руси што користеле лажни документи, обвини Атанас Атанасов, копретседател на коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“.

Како што пренесува бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg, Атанасов посочува дека станува збор за начин на инфилтрирање на луѓе од разузнавачките служби на Русија во Европа.

„Се тврди дека со лажни документи добиваат државјанство. Тоа е специфичен канал за инфилтрирање на луѓе од разузнавачките служби на Русија во Европа. А ние претендираме за членство во Шенген“, изјавил Атанасов синоќа во гостување во БНТ.

Тој порачува дека Пламен Тончев, првиот човек на ДАНС е внимателно „чуван“ од бугарскиот претседател Румен Радев, кој во однос на Русија и на војната во Украина честопати настапува со ставови инакви од тие на политичките раководства на ЕУ.

Атанасов зборувал и за друг скандал, кога истекле доверливи информации, а надворешното разузнавање на Бугарија не го спречило тоа.