Свет Балкан Бројот на загинати мигранти кај Самос се искачи на 24 лица

Бројот на загинати мигранти кај Самос се искачи на 24 лица

Бројот на мигранти што ги загубиле животите во бродската несреќа што се случи денеска кај грчкиот остров Самос се искачи на 24 лица, јавува „Би-Би-Си“, повикувајќи се на информации од грчката крајбрежна стража.

Десет мигранти што патувале со бродот кој утрово се превртел кај Самос биле спасени, а според информациите на крајбрежната стража, продолжува потрагата по 11 лица кои се водат како исчезнати. Во потрагата учествуваат и екипи на агенцијата на Европската унија за контрола на надворешните граници – Фронтекс.

Ова е втора бегалска трагедија во Егејско Море во последните 24 часа. Грчките спасувачи вчера пронашле тела на седум бегалци, меѓу кои и две деца, откако чамецот во кој се наоѓале се превртел кај островот Кос.

Околу 200 луѓе од почетокот на оваа година се удавиле во Егејско Море во обид да преминат од Турција во Грција.

Во меѓувреме продолжуваат напорите на Европската унија за наоѓање начин за запирање на приливот на мигранти што од Турција влегуваат во Европа.