Свет Европа Брисел порача: Опстанокот на ЕУ не е доведен во прашање

Брисел порача: Опстанокот на ЕУ не е доведен во прашање

Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент, Марк Рут, претседавач со ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ, и Жан Клод Јункер, претседавач со Европската комисија, по состанокот во Брисел, изјавија дека жалат поради одлуката на Британците да ја напуштат Европската Унија.

„Во еден слободен и демократски процес, Британците изразија желба да ја напуштат Европската Унија. Жалиме поради ваквата одлука, но истовремено и ја почитуваме. Станува збор за досега незабележана ситуација, но ние сме единствени во нашиот одговор. Остануваме постојани во одржување на темелните вредности на Европската Унија, на промовирање на мирот и на благосостојбата на нејзините народи“, стои во заедничката изјава.

Тие истакнаа дека опстанокот на Унијата со 27 земји членки не е доведен во прашање и оти членките заеднички ќе ги решаваат понатамошните предизвици.

„Сега очекуваме владата на Велика Британија да ја спроведе на дело одлуката на британскиот народ, што е можно побргу, независно од тоа колку болен може да биде тој процес. Секое доцнење непотребно ќе ја продолжи неизвесноста. Имаме правила кои јасно го уредуваат ова прашање“, наведоа европските дипломати.
Тие изразија надеж дека Велика Британија и во иднина ќе остане близок партнер на Европската Унија.