Свет Балкан Борисов: Податоците од Иванов за мигрантските рути ги предадов на ДАНС

Борисов: Податоците од Иванов за мигрантските рути ги предадов на ДАНС

Информациите добиени од македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, за новите мигрантски рути, ги предадов на службите, изјави денеска во бугарскиот парламент премиерот на земјата, Бојко Борисов, пренесува „БГНес“.

– Тоа што пред неколу дена претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ме замоли, јас го пренесов на средбата на Европскиот совет. Нивните служби ги добија новите рути. Сето тоа е доставено на Државната агенција за национална сигурност (ДАНС), на МВР и на состанокот на министрите за внатрешни работи во Брисел – изјави бугарскиот премиер, Борисов.

Тој, во своето обраќање, истакна дека за разлика од Грција, која добила стотици милиони и ништо не направила, Македонија обезбедила хумани услови за мигрантите.

– Неколку месеци грчката влада не презема мерки. Во Грција во моментов не можат да покажат како завршено ништо реално, условите за бегалците таму се ужасни – изјави Борисов.

Претседателот Иванов во денешното интервју за бугарската новинска агенција „БГНес“ изјави дека не постојат јазични бариери со Бугарија и оти таа треба најмногу да ја поддржува Македонија и да ја прегрне. Тој во интервјуто додаде дека на бугарскиот премиер му предал мапа од новите рути што ги користат шверцерите на мигранти, а кои минуваат низ Бугарија.