Македонија „Бомбите“ ќе бидат доказ и во случајот „Титаник“ на СЈО, одлучи Апелација

„Бомбите“ ќе бидат доказ и во случајот „Титаник“ на СЈО, одлучи Апелација

Повеќе од 1.000 прислушувани разговори ќе се користат како доказ на судењето за случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, одлучи Апелацискиот суд во Скопје.

Одлуката на Апелацискиот суд слeди по вчерашната јавна седница во судот, на која се расправаше по жалбата на СЈО на решението на Кривичниот суд од 20 октомври, со кое прислушуваните разговоти, т.н. „бомби“, беа издвоени од доказниот материјал за овој случај.

Поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, обвинети во случајот, на седницата рекоа дека се жртви на прислушувањето и побараа „бомбите“ да не се користат како доказ, бидејќи ќе се создаде правна несигурност.

Случајот „Титаник“ се однесува на изборни нерегуларности и во него, покрај Јанкулоска и Јанакиески, обвинети се и поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, поранешниот генерален секретар на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, и уште петнаесетина други лица.