Економија Бизнисмените со предлог-мерки за унапредување на бизнис-климата

Бизнисмените со предлог-мерки за унапредување на бизнис-климата

Владеење на правото и елиминирање на митото и на корупцијата, квалитетна регулатива во чие подготвување активно ќе учествува и бизнис-заедницата, елиминирање на нелојалната конкуренција и изедначување на условите за работење на компаниите, зголемување на можностите за пристап до финансиски услуги и еднаков третман на домашните претприемачи и странските инвеститори, се дел од клучните препораки и предлог-мерки на домашните бизнисмени и работодавци, содржани во петте предлог-политики за унапредување на бизнис-климата во земјава.

Во подготвувањето на предлог-мерките активно се вклучи Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), како една од активностите во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, кој е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

„Пакетот предлог-политики содржи голем број мерки групирани во пет значајни области, кои имаат големо влијание на развојот на бизнисот, како што се: владеење на правото, лојалната конкуренција, пристапот до финансии, правната сигурност и претприемачката култура“, изјави претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, на првата јавна презентација на новите предлог-политики за побрз економски развој во земјата.

Помеѓу презентираните мерки содржани во новите предлог-политики се и тие што се однесуваат на зголемување на транспаретноста и на контролата на јавните набавки, зајакнување на квалитетот на инспекцискиот надзор, избегнување на често менување на регулативата и намалување на административниот товар за нејзино спроведување.