Подглавна секција „Би-би-си“ ја осуди одлуката на Русија да протера нивна дописничка

„Би-би-си“ ја осуди одлуката на Русија да протера нивна дописничка

фото: Sebastiandoe5 / Wikimedia Commons

„Би-би-си“ ја осуди одлуката на Русија да не ја обнови визата на Сара Рејнсфорд, една од нивните дописници во земјата, опишувајќи го потегот како „директен напад врз слободата на медиумите“.

Корпорацијата ги повика руските официјални претставници да го преиспитаат „протерувањето“ на репортерката која во моментов живее и работи во Москва.

Руските државни медиуми објавија дека Рејнсфорд ќе мора да замине од земјата до крајот на месецот, кога ѝ истекува медиумската акредитација. Во извештајот се наведува дека овој потег е направен како одмазда за одбивањето на Обединетото Кралство да им издава визи на руските новинари.

Државната телевизија во Русија соопшти дека на новинарите кои работат за организации поддржани од државата, не им биле доделени акредитации од страна на владата на Обединетото Кралство за да известуваат за меѓународни настани.

Генералниот секретар на „Би-би-си“ рече дека протерувањето на Сара Рејнсфор е „директен напад врз слободата на медиумите, што го осудуваме безрезервно.“

Британското Министерство за надворешни работи потегот го опиша како „уште еден неоправдан чекор на руските власти“.

Протерувањето на новинарката Рејнсфорд е прво протерување на британски новинар од страна на Русија во последната деценија, што е резултат на влошувањето на односите помеѓу двете земји.

Кремлин го зголемува притисокот врз медиумите пред парламентарните избори што во септември треба да се одржат во Русија. Досега се уапсени и затворени неколку новинари, а бројни руски медиуми се обележани како странски агенти и непосакувани организации.