Македонија Бензините од вечерва на полноќ ќе поевтинат за половина денар

Бензините од вечерва на полноќ ќе поевтинат за половина денар

(Фото: finance.bigmir)

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,41 отсто. Од вечерва на полноќ, малопродажните цени на „еуросупер БС-95“ и „еуросупер БС-98“ се намалуваат за половина денар за литар во однос на актуелните малопродажни цени на бензините. Цените на еуродизел (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство остануваат на исто ниво.

Од ноќеска на полноќ, „еуросупер БС-95“ ќе се продава по цена од 59 денари за литар, додека „еуросупер БС-98“ ќе може да се набави за 61 денари за литар. На бензинските станици еуродизелот ќе чини 50,50 денари за литар, а идентична е и цената на екстра-лесното масло за домаќинство. Малопродажната цена на мазутот се намалува за 0,109 денари за килограм и ќе изнесува 26,754 денари за килограм.

Во изминатиот седумдневен период, референтните цени на светските берзи бележат намалување кај бензинот за 2,515 отсто, кај дизелот има зголемување за 0,074 отсто, намалување има кај екстра-лесното масло за 0,415 отсто и кај мазутот намалувањето е за 0,633 отсто. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,006 отсто.