Главна секција Бензините од утре поскапи за три и пол денари, дизелот за денар...

Бензините од утре поскапи за три и пол денари, дизелот за денар и пол (инфографик)

Фото: Снимка од видео

По владината одлука за зголемување на акцизата на нафтените деривати за три денари, Регулаторната комисија за енергетика ја определи цената по која граѓаните од утре ќе можат да набавуваат нафтени деривати од бензинските станици во земјава. Цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за три и пол денари за литар, додека дизелот ќе поскапи за еден и пол денар.

ЕУРОСУПЕР БС-95 на бензинските станици од утре ќе се продава по цена од 52 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе може да се набави за 54 денари за литар. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 46,50 денари за литар. Цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за еден денар за литар и истото ќе се продава по цена од 34 денари за литар.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 0,983 денари за килограм во однос на претходната одлука од 13 април, така што граѓаните од ноќеска на полноќ ќе можат да го набават мазутот по цена од 19,123 денари за килограм.

Зголемувањето на цената на нафтените деривати во Македонија доаѓа во период кога цената на сировата нафта во САД за прв пат во историјата отиде во негатива, до -30 долари за барел нафта. На ваквиот ценовен шок не влијаеше ниту намалувањето на производството на нафта, кое го договорија земјите-членки на ОПЕК предводени од Саудиска Арабија и Русија, а којшто потег беше поздравен и од САД. И покрај ваквата одлука, корона вирусот предизвика значително намалување на побарувачката на нафта и нафтени деривати во светот, што пак доведе до преполнување на резервоарите за чување на нафта.