Македонија Бејли: Добро е што Македонија има разговори со Грција

Бејли: Добро е што Македонија има разговори со Грција

САД поддржуваат заеднички прифатливо решение меѓу Македонија и Грција за спорот за името, изјави американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, и додаде дека е добро што се одвиваат преговори меѓу двете земји.

– Добро е што Македонија има разговори со Грција и со другите земји во соседството. САД отсекогаш ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија на нејзиниот пат кон НАТО и кон ЕУ – рече Бејли, одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата „Актуелни предизвици на бизнис-заедницата од областа на законската регулатива“, организирана од неколку стопански комори.

Амбасадорот на САД нагласи дека во реформите што претстојат треба да се вклучат не само власта, туку и целата држава.

– Допрва треба да зборуваме со новата влада, како и со членовите на целото општество и со опозицијата за чекорите што ќе ги преземеме. Овој процес го вклучува целото општество и целата држава и тоа е нешто за кое целата земја ќе треба да се обедини за да го постигне – изјави Бејли.