Свет Балкан Бегалец загина во тепачка во бегалски камп во Атина

Бегалец загина во тепачка во бегалски камп во Атина

Бегалец од Авганистан го загуби животот во тепачка во бегалскиот камп Елинико, во јужните предградија на Атина. Човекот бил прободен со нож во гради и имал сериозни повреди на главата со кои се здобил во мешаница и физичка пресметка која почнала меѓу група бегалци од Авганистан во привремениот бегалски камп на просторот на стариот атински аеродром.

Бегалецот им подлегнал на повредите само што бил префрлен во локалната болница. Заедно со него во болницата биле пренесени уште двајца бегалци, кои се задржани на лекување со полесни повреди.

Засега сè уште е нејасна причината зошто дошло до физичка пресметка меѓу групата Авганистанци. Полицијата од ноќеска го истражува случајот за да се открие како почнала тепачката и кој стои зад убиството на бегалецот.

Во импровизираниот бегалски камп во Елинико, стариот атински аеродром има околу 4.000 бегалци. Елинико по празнењето на Идомени, заедно со Пиреја, останува една од двете клучни бегалски рани во Грција. Условите таму се слични како на Идомени, луѓето спијат на земја во шатори, нема соодветни тоалети и простор за туширање. Грчката влада најави дека во следниот период ќе се работи на нов бегалски камп каде ќе може да се сместат бегалците кои се заглавени во Елинико и уште 1.200 луѓе кои сè уште се на пристаништето во Пиреја.

Како што се развива летната сезона и продолжуваат инцидентите во бегалските центри, од островите како Лерос и Лезбос упатуваат постојано апел до владата да им помогне да се релоцираат бегалците за да не дојде до нови проблеми меѓу бегалците и граѓаните, а во случајот на Лезбос за да се подигне бројот на туристи, кој е драстично опаднат оваа туристичка сезона.

Во Грција, според официјалните, бројки има 57.098 бегалци.