Економија Азески: Блокадите на Евзони негативно влијаат врз економијата и на двете земји

Азески: Блокадите на Евзони негативно влијаат врз економијата и на двете земји

Блокадите на граничниот премин Евзони негативно се одразуваат врз економско-финансиското работење на стопанството во Македонија, а негативни ефекти чувствува и стопанството во Грција, пишува во писмото на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, до претседателот на Унијата на грчките трговско-индустриски комори, Константин Михалос, како и до амбасадорот и шеф на Канцеларијата за врски на Грција во Македонија, Димитриос Јанакакис.

Азески во писмото бара тие да се вклучат во наоѓањето решение за нормализирање на нарушените сообраќајни комуникации.

– Имајќи предвид дека е неизвесно до кога ќе трае блокадата, а не исклучувајќи ја и можноста ситуацијата да ескалира со блокирање и на другите гранични премини меѓу двете земји, Стопанската комора на Македонија, како најбројна бизнис-асоцијација во земјата, апелира за интензивирање на контактите со надлежните органи, институции и влијателни фактори на внатрешен и на меѓународен план, во барање помош за нормализирање на состојбите и за создавање услови за непречени деловни комуникации – вели Азески во писмото до Михалос.