Свет Европа Австрија смета дека ветото за влез во Шенген на Бугарија и Романија...

Австрија смета дека ветото за влез во Шенген на Бугарија и Романија треба да се задржи

„Контролата на границите е дел од успесите, затоа ситуацијата останува непроменета“, изјави министерот за внатрешни работи Карнер за австриските медиуми

Фото: Kaihsu Tai - Own work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=118861346

Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер изјави дека ветото за пристапување на Бугарија и Романија во Шенген зоната мора да остане за да се одржи граничната контрола на ниво на ЕУ, пренесува mediapool.bg. Студениот туш од Австрија за Софија и Букурешт повторно доаѓа од министерот во австриската влада, кој лани во декември беше главниот глас за наметнувањето на вето за пристапувањето на двете членки на ЕУ во Шенген зоната.

„Контролата на границите е дел од успесите, затоа ситуацијата останува непроменета“, изјави министерот Карнер за австриските медиуми, сигнализирајќи дека Австрија размислува да го задржи ветото за влез во Шенген зоната.

Карнер беше еден од архитектите на ветото што им беше поставено во декември 2022 година на Романија и Бугарија. Министерот за внатрешни работи е влијателен член на Народната партија на австрискиот премиер Карл Нехамер, кој исто така го поддржа задржувањето на ветото за време на неговата посета на Бугарија пролетва.

Австрија инсистира на ниво на ЕУ, најпрво да се изгради нова, посигурна гранична ограда долж бугарско-турската граница за спречување на влезот на мигранти, пред да размисли за укинување на своето вето.

Инаку, членството на Бугарија во Шенген зоната лани беше блокирано од Холандија и Австрија, а Романија беше блокирана само од Австрија.

Наспроти австрискиот став за задржување на ветото, Бугарија пак се надева дека ветото за влез Шенген зоната ќе биде укинато оваа година поради спроведените реформи.