Свет Авганистан: Расте бројот на загинатите во нападот на одбојкарскиот натпревар

Авганистан: Расте бројот на загинатите во нападот на одбојкарскиот натпревар

Претседателот на Авганистан ги посети повредените и го осуди нападот

Бројот на жртвите во вчерашниот самоубиствен напад на одбојкарски натпревар на истокот во Авганистан се зголеми на 57, откако 15 ранети во текот на ноќта им подлегнаа на раните, јавија авганистанските власти, додавајќи дека мета на нападот била локалната полиција.

Портпаролот на Националната дирекција за безбедност, Хасеб Седики, соопшти дека зад нападот стои екстремистичката исламска милитантна мрежа Хакани.
– Имаме докази кои покажуваат дека мрежата Хакани стои зад нападот во Пактики – соопшти Седики.

Портпаролот на властите во провинцијата Пактики соопшти дека 42 лица, од кои повеќето деца и 10 полицајци, загинаа на самото место, додека 53 ранети со хеликоптери биле пренесени во Кабул.

Претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, ги посети повредените и го осуди нападот како „нечовечки и неисламски“.

– Нема оправдување за ваквото брутално убивање цивили – истакна Гани.

Нападот на одбојкарскиот натпревар се случи истиот ден кога авганистанскиот парламент ја потврди спогодбата со САД и со НАТО, врз основа на која се овозможува меѓународните сили да останат во Авганистан и по завршувањето на 2014 година.

Во рамки на спогодбата, што ја ратификуваше авганистанскиот парламент, САД и НАТО ќе можат и следната година да задржат околу 12.500 војници во Авганистан, во рамки на операцијата „Одлучна поддршка“.

Новата мисија на НАТО ќе биде насочена кон поддршка на авганистанските сили, паралелно со американските антитерористички операции.