Македонија Анкета на ИПИС: Најмногу ги сакаме Турција и Германија, најмалку Грција и...

Анкета на ИПИС: Најмногу ги сакаме Турција и Германија, најмалку Грција и Косово

Граѓаните на Македонија најпозитивно мислење имаат за Турција и за Германија, а најнегативно за Грција и за Косово, покажува најновата анкета на Институтот за политички истражувања (ИПИС) спроведена телефонски во првата недела од март годинава, на 1.101 полнолетен испитаник.

Најпозитивно мислење Македонците имаат за Германија, за која се одлучиле 85 отсто од анкетираните, потоа за Турција – 76,4 отсто, Србија е на трето место со 69,2 отсто пред Русија и САД кои имаат 64,9 отсто и 62,9 отсто.

Најнегативно мислење во Македонија преовладува за Грција, која добила 69,7 отсто од одговорите, потоа за Косово – 64,9 отсто, по кое следува Албанија со 50,2 отсто.

На прашањето доколку утре има референдум за влез на Македонија во Европската Унија како би гласале, 66,9 отсто од испитаниците би гласале „за“, 24,8 отсто „против“, а 8,3 отсто биле без одговор.

За влез во НАТО, на референдум, 70,7 отсто од испитаниците би гласале „за“, 21,4 отсто „против“ и 7,9 отсто биле без одговор.

Високи 64,8 отсто од анкетираните не би прифатиле промена на уставното име за меѓународна употреба за Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО, додека 28,3 отсто би прифатиле.

Ако некоја политичка партија направи компромис со Грција и го реши спорот со името, за 35,2 отсто од испитаниците тоа нема да влијае на нивниот став кон партијата, за 17,8 отсто ќе влијае позитивно, а за 33,2 отсто ќе влијае негативно.