Економија Анѓушев: Oсум нови компании влегоа во ТИРЗ со нула денари потрошени за...

Анѓушев: Oсум нови компании влегоа во ТИРЗ со нула денари потрошени за промоција

Во изминатите месеци, осум нови компании влегоа во фаза на реализација на своите проекти во Технолошко-индустриските равојни зони (ТИРЗ), информираше денеска вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

– Вкупно планираните инвестиции се околу 73,5 милиони евра и планирано е отворање на над 1.500 нови работни места во наредните години. А треба да знаеме дека сето тоа е направено со нула денари трошок за промоција и меркетинг. За споредба, во претходните седум години привлечени се 23 инвестиции за кои беа потрошени 225 милиони евра – потенцираше Анѓушев.

Тој додаде дека во многу од зоните пристапната и комуналната инфраструктура не е целосно изградена, и за оваа намена издвоени се над 400 милиони денари оваа година.

Директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски информираше за најновата најавена инвестиција во ТИРЗ Скопје 1.

– Станува збор за компанијата „Саген“ од фармацевската индустрија која е со седиште во Тирана, Албанија. Висината на планираната инвестиција ќе биде во вредност од повеќе од 20 милиони евра и планира да отвори околу 300 нови работни места. Инвестицијата е поделена во три фази, а за нејзините потреби во ТИРЗ Скопје 1 закупена е парцела со површина од околу 28.000 метри квадратни – рече Младеновски.

Министерот за економија Крешник Бектеши го образложи нацрт-текстот на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и појасни дека ќе се овозможи поттик за растот и развојот на приватниот сектор, под транспарентни и предвидливи услови.

На прес-конференцијата на Анѓушев, Бектеши и Младеновски во Влада, реагираше ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека „има нула нови странски инвестиции и исто толку отворени работни места“.

– Тоа е билансот од катастрофалните економски политики на деструктивното и расипничко владеење на неспособниот економски тим на СДСМ. Се друго е лага и фалење со резултатите постигнати во време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.