Свет Балкан Американскиот министер за финансии денеска во Атина

Американскиот министер за финансии денеска во Атина

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска ќе се сретне со американскиот министер за финансии, Џејкоб Лиу, за да разговара за грчкиот долг и за напредокот на пакетот мерки за штедење. Лиу ќе има средба и со неговиот грчки колега, министерот Евклидис Цакалотос.

Американскиот министер се очекува да испрати порака до грчката влада дека е неопходно побрзо да се спроведуваат договорените реформи, за Грција да може побргу да ги отвори преговорите за олеснување на грчкиот долг.

Во најавата од неговиот кабинет се истакнува дека Лиу ќе ја поттикне грчката влада летово да продолжи брзо да ги спроведува реформите за од есен европските кредитори и ММФ да може да го стават на агенда прашањето за реструктуирање и за олеснување на грчкиот долг.

Грчките власти се охрабрени дека имаат поддршка од САД за ова прашање. Во Атина особено позитивно беа дочекани изјавите на американскиот министер дадени за „Фајненшал тајмс“, со кои тој истакнува дека поради кризата во Турција неопходно е што побргу да се почне со разговорот за реструктуирање на грчкиот долг.

Според Лиу, актуелната ситуација покажува дека Грција е и мора да остане фактор на стабилноста во регионот и поради нејзината геополитичка важност неопходно е да биде и финансиски и економски постабилна.

Посетата на Луи во Грција се оценува и како можност САД од прва рака да ја оценат новонастанатата ситуација во регионот по воениот удар во Турција. Според „Катимерини“, САД веќе подолго време сметаат дека Грција има засилена геополитичка улога во регионот и поради проблемите со Турција, но и поради бегалското прашање.

Весникот забележува дека ова прашање, заедно со американската поддршка за поголемо НАТО-учество во Ејеско Море за контролирање на бегалскиот бран и поддршката за побрзо развивање на Трансјадранскиот гасовод биле тема на разговор на средбата меѓу Ципрас и Барак Обама на маргините на самитот на НАТО во Варшава пред две недели.